Македонскиот репрезентативец Ненад Димтријевиќ одлучил да не ја продолжи соработката со Уникс затоа што сака да дебитира во Евролигата.
Тоа го тврди претседателот на рускиот клуб Јевгени Богачев кој тврди дека во овој момент не е возможно да се постигне договор со Димитријевиќ. Нашиот кошаркар во моментов е слободен играч откако се раздели со Валенсија, па откако минатата сезона ја помина на позајмица во Уникс, сега е во потрага по нов клуб.
„Треба да се знае дека минатата сезона ја одигравме со речиси нова екипа. Ако се помине како што сакаме, тогаш за новата натпреварувачка кампања, 90% од тимот ќе биде ист. Но, со Ненад Димтријевиќ прашањето е отворено, тој навистина сака да игра во Евролига и можеби нема да успееме да го задржиме.
Во Европа веќе завршија националните шампионати и во претстојниот период сите проблеми ќе бидат решени, а ростерите за новата сезона, главно склопени. Ќе видиме дали ќе има понуди за Димитријевиќ“, рече Богачев.
Димитријевиќ остави одличен впечаток во својата прва сезона во Уникс. Не само што брзо се прилагоди на екипата, туку стана и еден од лидерите на тимот и беше прогласен за МВП на финалната серија од ВТБ лигата во која тимот од Казан триумфираше и ја освои шампионската титула, првпат во својата историја.