Доаѓа ли крајот на проклетството на Сакраменто?

0Shares
0 0

Некогашниот гигант во НБА, Сакраменто Кингс ја има најдолгата победничка серија во Западната конференција која во моментов изнесува пет триумфи.

Одличната форма последната недела предизвика во главниот град на Калифорнија да почне да се спомнува плејоф, збор кој е непознат во Сакраменто од 2006 година. Оттогаш, Кингс не успеале да се пласираат во разигрувањето за титулата откако претходно осум сезони по ред играше во плејфот и еднаш стигна до финалето на Западот.

Сакраменто е актуелен неславен рекордер во НБА бидејќи ниедна друга екипа во лигата не чека толку за влез во плејофот. Кога последен пат се најде таму, во екипата играа Предраг Стојаковиќ, Мајк Биби, Бред Милер, Рон Артест, Бонзи Велс итн, а во таа сезона (2005/06), екипата имаше биланс 44/38 и го освои осмото место на Западот за во првата рунда од плејофот да загуби од Сан Антонио со 2-4.

Оттогаш поминаа 16 години и низ екипата поминаа 11 тренери, а ништо не се смени. Кингс ниеднаш не успеаја да ја помината границата од 40 победи, најблиску беа во сезоната 2018/19 кога имаа 39/43 и го освоија деветтото место, но само навидум беа на чекор од плејофот бидејќи Клиперс и Спарс имаа 48/34.

Засега, по 14 одиграни натпревари, Сакраменто е на седмата позиција на Западот со осум победи и шест порази, а в недела ќе има можност да ја продолжи серијата бидејќи на гости му доаѓа еден од најслабите во лигата Детроит Пистонс. Никој не веруваше дека ќе дојде до ваков развој на настаните по очајниот старт на сезоната во кој Кингс имаа 0/4.

0Shares
0 0