Екипата на Баскет Кам го одбрани првиот од двата трофеја во домашната кошарка откако денеска триумфираше во Суперкупот на Македонија.
Во репризата на финалето од Купот, тимот од Македонска Каменица славеше против МЗТ Скопје со 102-52 и вторпат дојде до пехарот во ова натпреварување. Само со домашни кошаркарки во ростерот, односно без двете Американки кои играа во синиот дрес минатата сезона и со неколку играчи родени 2009 година, аеродромки беа немоќни да му се спротивстават на големиот фаворит.
МЗТ Скопје беше конкурентен во првите шест минути кога резултатот беше 14-12. Следуваше серија од 8-0 за прво двоцифрено водство на мечот, на полувреме беше 59-26, а во вториот дел остана само дилемата, колкава ќе биде разликата на крајот од натпреварот. Во неколку наврати, таа изнесуваше и 55 поени, но МЗТ Скопје успеа да намали нешто.
Цветанка Димова и Сања Адамовска одиграа извонреден меч, двете остварија дабл дабл. Димова имаше 25 поени и 11 скока, а Адамовска заврши со 20 поени и 13 асистенции. Марија Митева постигна 31 од вкупно 52 поени на МЗТ Скопје, но со мошне лош шут од игра (11/34).