Репрезентацијата на Доминиканска Република го приреди првото изненадување на Светското првенство, совладувајќи ја Италија со 87-82.
Клучен елемент за победата на централноамериканската селекција беше шутот од далечина бидејќи Доминиканците, повеќе од половина поени постигнаа од тројки. Погодија 16 пати од 39 шута (41%), а за два имаа 13 од 27. Италијанците немаа одбрана за овој елемент, па во последното коло ќе го бркаат пласманот во следната рунда од Мундијалот.
Победата на Доминиканска Република можеше да биде изразена и со повисока разлика бидејќи оваа репрезентација водеше со 77-60 на пет минути пред крајот. Во финишот се разигра Спису и со осум поени и една асистенција ја однесе Италија на 82-85 на 18 секунди пред крајот. Квињонес од линијата за слободни фрлања ја однесе Доминканска Република на 87-82 и со тоа ги сруши шансите на Италија да дојде до победата.
Карл Ентони Таунс и Андрес Фелис постигнаа по 24 поени со тоа што кошаркарот на Минесота имаше и 11 скока и 5 асистенции. Кај Италија, Спису беше најефикасен со 17 поени.