По синоќешниот пораз од Шпанија, репрезентацијата на Словенија вечерва се среќава со САД на турнирот во Малага, но на денешниот натпревар ќе биде без својот најдобар играч Лука Дончиќ.
Според официјалните информации, кошаркарот на Далас Маверикс доживеал повреда на дуелот со Шпанија.
„Лука Дончиќ ќе го пропушти натпреварот против САД поради претпазливост. Капитенот доби незгоден удар во второто полувреме од синоќешниот дуел и репрезентацијата не сака да остави ништо на случајот на само неколку дена пред заминувањето за Јапонија“, стои во соопштението од Кошаркарскиот сојуз на Словенија.
Дончиќ се повреди и на еден од натпреварите против Грција кога беше удрен во коленото, во првото полувреме и во второто воопшто не се појави на теренот. Словенија синоќа загуби со 77-97 и загуби на три од последните четири меча во подготовките за Светското првенство, па никој не сака да ризикува со евентуална повреда на првата ѕвезда на селекцијата.