Од судбината не се бега и тоа денеска важи и за словенечкиот суперстар Лука Дончиќ и за австралискиот репрезентативец Данте Ексум.
Од 20:45 часот, во Визинк арената се игра егзибицискиот натпревар меѓу Реал Мадрид и Далас Маверикс, а за двајцата гореспомнати кошаркари шпанската престолнина и оваа сала будат различни емоции. Дончиќ се враќа во својот кошаркарски дом, односно таму каде што на 13-годишна возраст се пресели од Олимпија и ја почна својата бајка. Ексум, пак, се враќа на местото каде минатата сезона доби ќотек во вториот четвртфинален натпревар од евролигашкиот плејоф, тогаш како член на Партизан.
Неполни три години по доаѓањето, Дончиќ дебитираше за првиот тим на Реал Мадрид и со 16 години, 2 месеца и 2 дена стана најмладиот играч што некогаш заиграл за најтрофејниот шпански клуб. Освен тоа што собори еден куп индивидуални рекорди на Реал, на шпанската и европската кошарка, Словенецот со овој тим освои три титули во АЦБ лигата, две во Копа дел Реј и една во Евролигата и сето тоа до својата 19. година. Во 2018 се пресели во Далас Маверикс каде во моментов е убедливо најголема ѕвезда.
Dante Exum was body slammed in a game this past season by former Celtic Guerschon Yabusele
Exum was playing Luka’s former team Real Madrid
🎥@BasketNews_com pic.twitter.com/0K8MW7tkiF
— Mavs Film Room 🐴🎥 (@MavsFilmRoom) July 2, 2023
Ексум долго ќе го памти тој втор натпревар од четвртфиналето на плејофот, како и секој љубител на европската кошарка. Партизан, чиј член беше тогаш, победи, но мечот го одбележа инцидентот што се случи на неполни две минути пред крајот. Го почнаа Пантер и Љуљ, а најдебелиот крај го извлече токму Ексум кој беше треснат од земја од Гершон Јабуселе и тоа со боречки зафат. Австралиецот ја повреди ногата, па со инјекции играше на третиот меч затоа што Партизан немаше доволно квалитетни играчи по суспензиите на Лесор и Пантер. Денеска Ексум првпат ќе се соочи со Јабуселе по тој меч и тоа повторно на теренот на францускиот кошаркар.
Во Мадрид нема да игра втората ѕвезда во тимот на Далас, Кајри Ирвинг. За Реал ова е прв натпревар против НБА тим по октомври 2016 година кога ја победи Оклахома со 142-137. На тој меч, со само 17 години за мадридскиот тим играше и Дончиќ и постигна три поени, четири асистенции и пет скока.