Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ, на 10 октомври ќе се врати во Мадрид и првпат во својот живот ќе игра против Реал, клубот каде ја почна својата професионална кариера.
Актуелниот европски шампион ќе биде домаќин на Далас Маверикс во склоп на долгогодишната соработка меѓу НБА и европските клубови. Сопственикот на Мавс, Марк Кјубан долго време се обидуваше да организира дуел на неговиот тим со Реал, минатата година најави такво нешто, а сега тоа и се оствари.
Дончиќ играше во Реал од 2015 до 2018 година, со мадридскиот клуб освои и една титула во Евролигата кога и беше прогласен за МВП на сезоната и на завршниот турнир, а потоа се пресели во Далас Маверикс каде веќе пет сезони е главен играч на екипата од Тексас. Неколку пати досега присуствуваше на натпревари на Реал во Евролигата и шпанското првенство, а во октомври првпат ќе има можност да заигра против својот матичен клуб.