По лошата сезона на тимски план со Далас Маверикс, Лука Дончиќ ќе бара утеха на Мундобаскетот кој во август и септември ќе се одржи во три држави на Далечниот исток.
Селекторот Александар Секулиќ денеска го објави поширокиот список од 20 кошаркари за Светското првенство, а Дончиќ е прво име на него и ако не се случи нешто непосакувано за време на подготовките, тој ќе го предводи националниот тим. Тука е и Влатко Чанчар кој со Денвер Нагетс ја освои титулата во НБА лигата.
„Оваа година имаме повеќе време да се подготвиме за натпреварувањето, отколку претходните две. Добро ги познавам играчите и сигурен сум дека добро ќе ја искористат паузата за репрезентативната акција“, изјави Секулиќ.
На списокот го нема Едо Муриќ кој се повреди пред крајот на сезоната, како и Горан Драгиќ кој одлучи да ја заврши репрезентативната кариера, но затоа има двајца натурализирани Словенци од кои селекторот ќе мора да се одлучи за еден. Секулиќ ќе бира меѓу следните 20 кошаркари: Јака Блажиќ, Саша Циани, Влатко Чанчар, Јакоб Чебашек, Жига Димец, Лука Дончиќ, Зоран Драгиќ, Грегор Глас, Грегор Хорват, Урбав Клавжар, Алјаж Кунц, Мика Лапорник, Јурил Мацура, Блаж Махковиќ, Џордан Морган, Алексеј Николиќ, Бане Препелиќ, Жига Самар, Клемен Препелиќ и Мајк Тоби.
На Светското првенство, Словенија ќе игра во групата со Грузија, Венецуела и Зеленортските Острови и ќе се обиде да го подобри најдобриот пласман – седмото место од Мундобаскетот во 2014 година во Шпанија.