Актуелниот вицешампион на Франција, Париз Метрополитен се наоѓа во исклучително тешка ситуација и во прашање е доведен неговиот опстанок како клуб.
Иако минатата сезона член на Метрополитен беше првиот пик на НБА драфтот, Виктор Венбанјама, можно е екипата да не добие право на настап во новата натпреварувачка кампања затоа што нема доволно пари да ја плати котизацијата. До недела (23 јули) кога е последниот рок за регистрација, а до моментов недостасуваат околу два милиона евра.
Главна причина за финансиските проблеми е тоа што Париз Метротполитен не доби покана за настап во Европкупот, па потенцијалните инвеститори се откажаа од вложување. Единствена надеж е тоа што тренер на тимот остана францускиот селектор Венсан Коле, но и тој ќе биде отсутен речиси до почетокот на новата сезона бидејќи има обврски со „триколорите“ на претстојното Светско првенство.
Париз Метрополитен беше вклучен во ждрепката за новата сезона, во првото коло на 16 септември треба да игра на домашен терен против Сент Квентин, но само ако до недела ги најде потребните финансиски средства.