Финскиот стручњак Туомас Лисало од денеска официјално е тренер на Париз Баскет со што се официјализираа шпекулациите кои траеја месеци наназад.
Во сезоната која неодамна заврши, Лисало го предводеше Телеком Бон со кој оствари сензационален успех, триумфирајќи во Кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА, но не успеа да ја освои титулата во германското првенство каде во финалето загуби од Улм. По две години во Бон, Финецот го презема проектот на Париз, клуб кој е формиран во 2018 година, но е проектиран за настап во Евролигата во блиска иднина поради желбата на раководството на елитното европско кошаркарско натпреварување да се прошири во француската престолнина од каде во моментов нема ниеден тим.
И претстојната сезона, Париз Баскет ќе учествува во Еврокупот каде во претходното издание стигна до четвртфиналето. Доаѓањето на Лисало само ги подгреа најавите дека по него во Париз ќе се пресели и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс. Со оглед на тоа што е ред прво тренерот да биде претставен, евентуалниот договор на американскиот плејмејкер со македонски пасош може да се очекува претстојните денови.