Драма во Кале со среќен крај за Работнички

0Shares
0 0

Дури по продолжение, најтрофејниот македонски кошаркарски клуб успеа да го совлада дебитантот во елитата Феникс со 94-90.

Двете екипи пропуштија можност во основниот дел да го решат прашањето околу победникот бидејќи Работнички имаше убедлива предност, а Феникс последен напад и осум секунди да направи уште едно изненадување во својата прва сезона во елитата.

Работнички доминираше три четвртини, во нив го имаше своето најголемо водство од 17 разлика (46-29), а особено во првото полувреме одлично функционираше шутот за тројка. Сепак, Феникс уште еднаш, како и во дуелот со Академија ФМП, а и претходно во подготовките, потврди дека нема намера да се откаже од опстанокот и покрај тоа што многумина го отпишаа пред почетокот на сезоната.

Со серија од 10-0 успеа да се доближи на едноцифрена негатива, а во второто полувреме константно вршеше притисок врз својот противник. Работнички успешно ги избегнуваше нападите, на четири минути пред крајот имаше комотни +7 (82-75), но не успеа да ги задржи. Со серија од 8-0, Феникс го презеде водството, а Мацура со едно погодено слободно фрлање на 72 секунди пред крајот се избори за продолжение. Во преостанатиот дел од тие 40 минути ниедна од екипите не успеа да поентира.

Во продолжението првиот удар го зададе Феникс преку Михајловски, Работнички одговори со шест поени по ред, а противникот потоа постигна пет во низа за водство од 90-89. И тука Феникс застана. На сцена стапи Џексон кој со пет поени во серија му ја донесе втората победа на Работнички, повторно тешко извојувана.

Џексон и Мацура остварија дабл-дабл на овој меч, првиот со 18 поени и 10 асистенции (но, со лош шут од игра), а вториот со 11 поени и 14 скока. На спротивната страна блескаше тинејџерот Митревски кој за 40 минути на теренот постигна 26 поени, убедливо најмногу на натпреварот.

0Shares
0 0