Втора година по ред, за титулата во АБА лигата ќе се борат Партизан и Црвена Звезда со тоа што, за разлика од лани, предноста на домашниот терен, а со тоа и поддршката од публиката сега ќе ја имаат „црно-белите“.
Со оглед на разликата во буџетите и во играчкиот кадар во однос на останатите учесници, уште пред почетокот на сезоната беше јасно дека белградските ривали ќе се борат за трофејот. Двете екипи во оваа натпреварувачка кампања, првпат играа меѓу себе и во Евролигата, но таму натпреварите поминаа во најдобар ред што не може да се каже за пресметките во АБА лигата каде е тензично недели пред натпреварите. Се работи за регионално натпреварување, па логично е тоа што на финалето се осврнуваат и медиумите на просторите на поранешна Југославија. Хрватскиот Јутарњи лист пред вечерашното финале има апокалиптична прогноза дека стартот на финалната серија е почеток на крајот на АБА.
„Силните вложувања на Партизан и Звезда, а тие не се помалку од 25 милиони евра комбинирано, создадоа сами по себе голема тензија во текот на целата сезона. Со доаѓањето на Жељко Обрадовиќ, Партизан ја наруши хегемонијата која со години ја ѕидаше Звезда преку Небојша Човиќ како нејзин лидер. Ова финале излезе завршен чин на пресметката.
АБА лигата во годините на самоволието на Човиќ стана нерегуларна лига во која некои имаат сопственички удели, а притоа контролираат два клуба, лига во која секоја идеја на Човиќ, на еден или на друг начин се почитувала. Во пресрет на финалето меѓу Партизан и Звезда, еден совет: земете пукакни, седнете во фотелја и гледајте како се распаѓа. Во живо“, вели авторот Твртко Пуљиќ иако не е јасно на што мисли кога вели дека се распаѓа: дали на АБА лигата, на кошарката во регионот или на нешто трето.
Сезонава Партизан и Звезда играа пет пати меѓу себе и билансот е 3-2 за „црвено-белите“ со тоа што тие веќе освоија и два трофеја, додека противничкиот клуб играше во четвртфиналето од Евролигата. Извесно е дека двете екипи и идната сезона ќе играат во Евролига, но трофејот во АБА, сепак, е голем предизвик. Партизан не ја освоил титулата во ова натпреварување од 2013 година, а Звезда триумфираше во шест од последните седум изданија, не сметајќи ја 2020 година кога сезоната не беше завршена поради корона пандемијата. Првиот натпревар од финалната серија се игра вечерва во 20 часот, а домаќин е Партизан.