Ако досега не слушнале, во Њујорк сега знаат за шампионот на Македонија, МЗТ Скопје бидејќи во канцеларијата на градоначалникот Ерик Адамс во иднина ќе стои дрес на клубот од Аеродром.
Му го подарил неговиот колега од скопската општина Тимчо Муцунски, на маргините на Светскиот самит на Мрежата на силни градови.
„Од моја страна на градоначалникот на Њујорк, кој е домаќин на овој настан и истовремено голем фан на кошарката му врачив дрес од македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје.
Плаво белата боја на македонскиот шампион ќе биде дел од неговата канцеларија и во духот на спортот и спортските успеси на МЗТ, таа нека биде поттик за идни победи и симбол на меѓусебната соработка, поддршка и пријателство“, напиша Муцунски.
МЗТ Скопје е освојувач на 10 шампионски титули и 11 Купа на Македонија, а утре ќе се бори за шестиот трофеј во Суперкупот.