Десетина дена откако ја прекина соработката со Црвена Звезда, црногорскиот стручњак Душко Ивановиќ најде нов ангажман.
Како што се најавуваше и минатата недела, тој повторно ќе биде тренер на Басконија, четврти пат во кариерата. На позицијата ќе го наследи Жоан Пењароја кој доби отказ по серијата од порази на баскискиот клуб, во домашното првенство и во Евролигата, а капак беше вчерашниот неуспех против Андора.
Ивановиќ беше тренер на Басконија вкупно 11 сезони во својата кариера. Првиот пат од 2000 до 2005, потоа од 2008 до 2012 и на крајот, од 2019 до 2021 година. Со овој клуб освои три титули во шпанското првенство, три во Копа дел Реј и една во Суперкупот на Шпанија, а два пати стигна и до финалето на Евролигата. Практично, без него, Басконија има само една титула во АЦБ лигата и три Купа.
Своето четврто „деби“ на клупата на Басконија, Ивановиќ ќе го има против Партизан, в петок на домашен терен, во шестото коло од Евролигата. Со „црно-белите“ минатата сезона водеше жестоки битки во три натпреварувања: српскиот Куп, АБА и Евролигата.