Десетина дена по почетокот на подготовките за Европското првенство, кадетската репрезентација на Македонија ги одигра првите два пријателски натпревари.
Во Кале гостуваше селекцијата на Бугарија која триумфираше на двата меча, но со оглед на тоа што македонската репрезентација се уште е во првата фаза од подготовките, резултатот во овој момент не е во преден план. Токму поради тоа што формата се темпира за во август, кошаркарите паднаа во последната четвртина на двата натпревара.

Вчера, Бугарија славеше со 79-64, а денеска со 73-63. На вчерашниот меч, последниот квартал му припадна на противникот со 23-15, а денеска уште поубедливо, со 27-11 откако по 30 минути игра нашите кошаркари водеа со 52-46.
Терзиевски со 14 и Евтимовски со 13 поени беа најефикасни на првиот натпревар, додека денеска доминираше Илин Најков кој со 22 поена беше единствен со двоцифрен ефект во македонската репрезентација. Интересно е тоа што Бугарите денеска имаа 27 скока повеќе од нашата селекција (59/32).