Јуниорската репрезентација на Македонија доживеа два пораза во Ботевград од соодветната селекција на Бугарија, во рамките на подготовките за Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во втората половина од јули во Португалија.
Синоќа, Бугарите ја совладаа четата на Андреј Апостолски Лечиќ со 77-59, а денеска со 75-52. До почетокот на првенството остануваат уште две недели, доволно време да се отстранат недостатоците и репрезентацијата подготвена да патува за Матосињос. Мора да се има предвид дека на овие два меча, Апостолски Лечиќ не можеше да смета на најдобриот играч во тимот Андреј Шошкиќ кој е со младинската репрезентација. Во текот на овие подготовки, јуниорската репрезентација ги победи Црна Гора и Израел, а покрај Бугарија, загуби и од Грција на турнирот во Скопје.
До заминувањето за Португалија, кое е планирано за 19 јули, претстојат уште два подготвителни меча, против Швајцарија во Гевгелија идната недела. Првенството ќе се одржи од 21 до 30 јули.