Јуниорската репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз на стартот од меѓународниот турнир „Боби Петковски“ што денеска почна во Гевгелија.
Избраниците на Андреј Апостолски Лечиќ се поразени од Грција со 66-93, но конечниот резултат не ја отсликува целосно состојбата на теренот бидејќи повеќе од три четвртини, нашите кошаркари се држеа против ривалот кој ќе учествува на Европското првенство во јуниорска конкуренција. Грците го диктираа темпото, во втората четвртина водеа со 46-31, но пред крајот на третиот ривал нашите кошаркари намалија на 47-54.

По 30 минути игра беше 59-51 за Грција, но последниот квартал го уништи впечатокот. Грција отвори со 8-0, а потоа со уште една серија од 11-0 се избори за убедлив триумф против домаќинот на турнирот. Таа четвртина, гостите ја добија со 34-15.
Капитенот Андреј Шошкиќ беше најдобар, воедно и единствен македонски играч со двоцифрен број поени (21), постигнати за 25 минути на теренот. Во вториот денешен меч Израел ја победи Црна Гора со 76-64, а Македонија утре ќе игра против Црна Гора од 17 часот.