Три децении по смртта на нејзиниот син, Бисерка Петровиќ добро се сеќава на најлошите моменти од нејзиниот живот.
Дражен Петровиќ загина на 7 јуни 1993 година во сообраќајна несреќа во Германија. Информацијата за тоа, Бисерка ја добила од Македонка.
„Ми се јави некоја госпоѓа, Македонка која беше судски преведувач. Тоа никогаш нема да го заборавам, не знам како е можно таква вест да се јави на такво начин. Ме праша дали сум јас мајката на Дражен Петровиќ, а потоа мошне ладно ми соопшти: Вашиот син загина во сообраќајна несреќа.

Јас само крикнав и потрчав кон балконот од нашиот стан на 14. кат. Сопругот, кој веќе беше легнат, скокна од креветот и во последен час ме фати. Сакав да се фрлам, но ме оттргна“, вели Бисерка која додава дека потоа добила психијатриска помош и тоа ја спасило од депресија.
На нејзина иницијатива, на 7 јуни 2006 година е отворен Музејско-меморијалниот центар „Дражен Петровиќ“ во Загреб. Првите 12 години, тој беше сопственост на семејството Петровиќ, а денес е еден од десетте градски музеи во хрватската престолнина.