Почетокот на подготовките за Светското првенство во Јапонија, Индонеезија и Филипини се ближи, но голем број репрезентации уште не излегле со конечен список на кошаркари на кои ќе сметаат на овој шампионат.
Меѓу нив и српската чиј селектор Светислав Пешиќ уште е во разговори со играчите. Полека стигнуваат добри вести за него и се очекува селекцијата на нашиот северен сосед во силен состав да отпатува на Далечниот Исток. Своето учество веќе го потврди новиот центар на Олимпијакос, Никола Милутинов кој за својата одлука го информирал и селекторот.
„Му реков на Пешиќ дека сум на располагање на тимот бидејќи навистина сакам да бидам дел од него. Мислам дека имаме квалитет, но тоа мораме да го покажеме на теренот. Имавме квалитет и претходните години, но не поминавме така како што очекувавме и посакуваме и навистина се надевам дека на ова првенство можеме да направиме нешто добро“, изјави Милутинов.
Српската јавност и натаму е во очекување на одлуката на „поважниот“ Никола – Јокиќ кој се уште не потврдил дека ќе игра на Светското првенство.