Екс-тренерот на Кливленд за нелегалниот ангажман на Леброн: Воопшто не жалам

0Shares
0 0

Кливленд официјално на 26 јуни 2003 година го избра Леброн Џејмс како прв пик на тогаш исклучително силниот и конкурентен драфт. Но, тимот од Охајо една година претходно, уште додека Леброн беше средношколец, донесе одлука да го земе во своите редови и тоа откако прекрши едно важно правило на НБА лигата.

Џон Лукас, поранешниот тренер на Кавалирс, открива дека тој и неколку луѓе од Управата на франшизата пред почетокот на сезоната 2002/03 во тајност го повикале Леброн да дојде од Акрон во Кливленд на тренинг, свесни дека НБА би можела да ги казни поради кршењето на правилото според кое НБА тимовите немаат право да ги тестираат средношколците кои се уште немаат пополнето пријава за на драфт.

Леброн се појавил во тренинг центарот на Кавалирс и експлодирал.

„Тој ден Леброн беше најдобар на теренот, а играше со Рики Дејвис, Крис Мим, Десажан Диоп, сите наши играчи. И беше најдобар“, открива Лукас, кој ниту денес, речиси две децении подоцна, вели дека не се кае поради нелегалниот пристап до еден од најголемите таленти во историјата на НБА, ниту жали што бил казнет со два натпревари неиграње. Уште помалку во Кливленд ги боли фактот што како казна на НБА мораше да и плати 150.000 долари, ако се земе предвид дека Леброн заработуваше десетици милиони, а на крајот им донесе и шампионска титула.

Но, Лукас единствено жали дека никогаш не соработуваше со Леброн иако беше еден од луѓето кои одлучија да го доведат во редовите на Кавалирс. Кон крајот на јануари 2003 година управата го отпушти поради лошите резултати, а токму тие лоши резултати овозможија на крајот од сезоната Кливленд да има најголема шанса да го добие првиот пик на драфтот и да го избере Леброн Џејмс.

0Shares
0 0