Како гром од ведро небо, попладнево дојде информацијата дека Горан Самарџиев повеќе нема да го води Еуро Никел.
Поранешниот репрезентативец и еден од најтрофејните играчи во македонската кошарка беше на клупата на кавадарчани од 2019 година, а претходно три сезони му беше асистент и на Љупчо Малинков. Заедно со поминатите години како играч, Самарџиев помина во Еуро Никел (Фени Индустри, Орка и Тиквеш) повеќе од 20 години. Од клубот јавно му се заблагодарија на популарниот Шуш за се што направи за него како играч и тренер.
„Горан Самарџиев е икона на кавадаречката кошарка, играч кој остави длабока трага во клубот и за кого се врзани некои од најголемите успеси во постоењето на Еуро Никел. Исклучително го цениме тоа што го направи за нашиот колектив и му посакуваме многу среќа и успех во иднина, како на приватен, така и на професионален план“, стои во соопштението од поранешниот шампион на Македонија.
Во периодот додека го водеше Еуро Никел, Самарџиев беше и дел од стручниот штаб на македонската репрезентација, кога селектор беше Александар Тодоров. Во 2021 беше прогласен и за тренер на годината, во изборот на Кошаркарската федерација на Македонија.