Поранешниот шампион на Македонија го искористи хаосот во кој се наоѓа Академија ФМП и со убедлива победа ја почна новата сезона во Првата лига.
На гостувањето во Кисела Вода, Еуро Никел славеше со 114-58 и официјална стана првата екипа во новата сезона која ја пробила границата од 100 поени. Академија ФМП дури вчера почна да се екипира, натпреварот го одигра со голем број младинци, па натпреварот не понуди никаква драматика, ни неизвесност.
Единственото водство домаќините го имаа на истекот од првата минута кога по тројката на Спасовски поведоа со 3-2. Нешто подоцна Еуро Никел ја презеде контролата над резултатот и доминираше до крајот на мечот, постојано зголемувајќи ја предноста. Еуро Никел го играше натпреварот без Соколов и Караколев, а Младеновиќ, Смит Меквен, Дубински и Блекшир играа меѓу 6 и 9 минути.
Во такви услови, најефикасен беше Тодор Златев со 20 поени, 9 скока и 6 асистенции, а Бојчев додаде 17. Лука Петровски беше прв стрелец на натпреварот со 22 поена.