Словенечкиот репрезентативец Клемен Препелиќ е нов играч на Олимпија, соопшти денеска клубот од Љубљана.
Минатата сезона тој го носеше дресот на Валенсија со која настапуваше во Евролигата, но не дојде до продолжување на соработката и тој стана слободен игра. За Валенсија одигра 27 натпревари во Евролигата со просек од 7,1 поен и 3,1 асистенција по натпревар.
„Среќен сум што што добив можност да играм во Љубљана. Поминаа 45 дена откако последен пат излегов на терен и навистина сум нестрплив за нови предизвици“, изјави Препелиќ кој летово настапи за Словенија на Светското првенство.
Последен пат, тој беше член на Олимпија во сезоната 2014/15, а претходно играше и во 2012/13. Во својата кариера настапуваше уште за Домжале, Банвит, Олденбург, Лимож, Левалоа, Реал и Хувентут.
Иако во текот на летото доживеа коренити промени и донесе голем број звучни засилувања, Олимпија бележи очаен старт на сезоната. Во АБА има само две победи во првите четири меча, додека во Еврокупот по три одиграни кола има биланс 0/3.