Епилогот во Евролигата и триумфот на Реал Мадрид, меѓу другото, уште еднаш ја отвори темата за разликата меѓу кошарката и фудбалот.
Иако станува збор за двата најпопуларни спортови во светски рамки, фудбалот одамна е многу далеку во однос на кошарката, барем кога станува збор за европскиот континент бидејќи НБА не е во оваа конкуренција. Иако сите европски клубови сонуваат да се натпревраруваат во Евролигата, таа не носи голем финансиски бенефит.
Најдобар доказ за тоа е сумата што ја доби Реал Мадрид за освоената титула во елитното европско натпреварување – 1.759.398 евра. Второпласираниот Олимпијакос на своето конто стави нешто помалку од милион (996.992), третиот Монако 879.699, а последниот учесник на Ф4, Барселона – 762.406 евра.
Споредбата со фудбалската Лига на шампиони е небо и земја. За само една победа во ова натпреварување, клубовите добиваат 2,8 милиони евра, а за нерешен резултат, сумата е 930 илјади. Само за учеството во групната фаза се добиваат 15,6 милиони евра, пласман во осминафиналето вреди 9,6 милиони, во четвртфинале уште 10,6, во полуфинале дополнителни 12,5 и во финале 15,5 милиони евра. Европскиот шампион заработува уште 4,5 милиони евра, а со тоа добива место во УЕФА Суперкупот каде победникот има гарантиран еден милион евра. Во овие бројки, како и во Евролигата, не се пресметани приходите од продажба на билети, спонзорите и телевизиските права, а кои исто така, се далеку на страната на фудбалската Лига на шампиони.
Да биде иронијата поголема, за една екипа да стане првак во кошаркарската Евролига, треба да одигра меѓу 39 и 41 натпревар, а во Лигата на шампионите само 13 (ако почне од квалификациите максимум 19). Тоа ги зголемува и трошоците за патувања и сместување на екипите, па прашање е колку и ваква Евролига за која сите сонуваат е профитабилна за кошаркарските клубови.