Од минатата недела, Ниш и Србија се домаќин на Европското првенство за кошаркари до 18 години, а според она што се случува досега, овој шампионат е на пат да стане најлошо организиран во историјата.
Откако во текот на викендот прокиснаа покривите на двете сали каде што се играат натпревари, па како последица на тоа дојде до повреди на неколку кошаркари, вчера дојде до нови проблеми. Шест репрезентации пријавија стомачен вирус кај своите играчи, а досега се зафатени најмалку 20 кошаркари од Шпанија, Финска, Грција, Литванија, Словенија и Турција. Сите тие имаат треска, силни болки во стомакот и дијареја, некои од нив завршија в болница и неизвесно е дали воопшто ќе заиграат повторно на ова Европско првенство.
Симптомите наведуваат дека се работи за труење со храна поради што ФИБА побара кујната и базено во хотелот каде што престојуваат овие шест репрезентации да бидат проверени и испитани.
Освен тоа, ФИБА ја разгледува можноста за одложување на натпреварите од осминафиналето кои треба да се играат денеска. На неколку часа пред планираниот почеток, нема информации за такво нешто, но не е исклучено подоцна да биде донесена таква одлука.