Македонската јуниорска репрезентација со убедлива победа го заврши турнирот „Боби Петковски“ кој се одржува во Гевгелија.
По поразот од Грција и триумфот против Црна Гора, кошаркарите на Андреј Апостолски Лечиќ вечерва убедливо го совладаа Израел со 82-59. Противникот ќе игра на Европското првенство (А-дивизија) поради што денешната шпбеда дополнително добива на значење.
Единственото водство на мечот, Израел го имаше на почетокот кога поведе со 2-0. Нашиот тим одговори со шест поени во низа, подоцна беше 8-8 и по серијата од 10-0, Македонија продолжи да го диктира темпото. По двете тројки на Стојанов кон средината на третиот квартал, нашата селекција поведе со 50-30 и тука веќе беше јасно дека нашите кошаркари ќе остварат убедлива победа.
Ангел Стојанов со 21 поен беше најефикасен во нашата репрезентација, Шошкиќ додаде 20 со 7 асистенции, а Павел Иванов уште 17 поени. За разлика од вчерашниот меч против Црна Гора, сега македонските репрезентативци беа многу поефикасни од линијата за слободни фрлања и промашија само пет „пенали“ од 18 обиди.
По турнирот во Гевгелија, јуниорската селекција ги продолжува подготовките, а на 5 и 6 јули ја очекуваат два меча против Бугарија на гостински терен.