Ситуацијата во Кошаркарскиот клуб Еуро Никел се уште е главна тема во македонската кошарка и интензивно се работи на избегнување на најлошото сценарио на поранешниот трикратен шампион.
Во акцијата за спас на клубот се вклучи и врвот на Федерацијата, па делегација од највисоката кошаркарска организација во земјава, денеска отпатува за Кавадарци со цел да направи се што е можно за да се спаси еден од најголемите центри во земјава. На југот од Македонија, планирано е челниците на Федерацијата да имаат средба со градоначалникот Митко Јанчев, можеби и со досегашното раководство на клубот, како и на фабриката Еуро Никел по што се очекува некои работи да бидат појасни.
КОШ.МК веќе пишуваше дека во Кавадарци е формиран иницијативен одбор кој се обидува да го спаси кошаркарскиот клуб од згаснување, а кој го сочинуваат поранешни играчи и легенди на клубот чие изворно име е Тиквеш. Помошта од Федерацијата ќе биде добредојдена за оние кои се обидуваат да го остават Кавадарци на кошаркарската мапа во Македонија.