Кадетската селекција на Македонија заврши на последното место на Европското првенство во Скопје.
Во борбата за одбрана на честа, нашите млади кошаркари загубија и од Белгија, единствената селекција што ја победија на овој шампионат. Белгијците беа подобри со 90-72 и ѝ се одмаздија на Македонија за поразот во првото коло иако двете репрезентација идната година ќе се натпреваруваат во Б-дивизијата.
За разлика од претходните натпревари, денеска македонските кадети издржаа безмалку цело полувреме во рамноправна игра. На три минути пред крајот на првиот дел водеа со 34-33 за потоа Белгија да направи серија од 8-0 и водство од 41-34. Во третиот квартал, нашата репрезентација тотално ги загуби конците, противникот поведе со 61-46 и до крајот дојде до првата победа на првенството.
Илин Најков со 21 поен беше најефикасен денеска, а само уште Лука Марјановиќ беше двоцифрен, со 10 поени. Нашите кошаркари немаа одговор за Џејден Хоџ кој оствари монструозен дабл дабл со 30 поени и 18 скока за индекс 51.