По петте порази на почетокот од сезоната (еден во Суперкупот, два во првенството и два во квалификациите за ФИБА Европа купот), екипата на Феникс ја оствари првата победа.
Прва жртва на финалистот од Купот на Македонија од минатата сезона е екипата на Академија ФМП која се уште се екипира иако веќе се игра третото коло од првенството. Феникс славеше како гостин во Кисела Вода со 108-86 и најави подобри денови.
Академија ФМП беше рамноправна во првите седум минути во кои, во неколку наврати имаше и водство. Феникс првпат се одлепи по серијата од 7-0 по која направи двоцифрена предност (25-15). Се понатаму беше во знакот на гостинскиот тим чија највисока предност изнесуваше 26 поени.
Џо Рис беше прво име на натпреварот со 26 поени и 11 скока, а цела стартна петорка, плус Стивенс имаа двоцифрен ефект. Лука Петровски со 23 поени беше најефикасен кај ФМП, а уште Настовски и Иванов ја минаа границата од 20 поени.