Еден од најмладите клубови во македонската Прва лига, Феникс планира да го продолжи својот раст и развој и во новата сезона.
Во неа, колективот од Гази Баба ќе направи обид да дебитира на европска сцена што би бил огромен чекор напред и за него и за македонската кошарка. Раководството на клубот веќе ги подговува документите за апликација за учество во квалификациите за ФИБА Европа Купот. Последен рок за пријавување во ова натпреварување е 23 јуни што значи дека Феникс има доволно време да ги среди формалности.

Во исто време, финалистот од Купот на Македонија ќе се обиде да дојде до специјална покана (вајлд кард) во АБА 2 лигата. Според пласманот, место во ова натпреварување од Македонија треба да имаат МЗТ Скопје, Пелистер и ТФТ Моцарт, но можно е да дојде до промена на овој состав.
Евентуален настап во овие натпреварувања ќе биде голем придонес и во развојот на младите кошаркари кои Феникс ги има во голем број, а кои се иднина и на македонската кошарка. Со излегувањето од границите на Македонија, Феникс полека го крева своето ниво и во иднина може да се очекува дури и да ги нападне трофеите во домашната кошарка.