Екипата на Феникс и во новата сезона ќе продолжува со форсирање млади кошаркари и за таа цел, стручниот штаб веќе одлучи да внесе во првиот тим неколкумина од младинската школа.
Првиот меѓу нив е крилниот играч Стефан Стојковиќ, 17-годишен кошаркар кој е еден од најголемите таленти не само во Феникс, туку и во македонската кошарка. Тој веќе има искуство во сениорскиот тим на Феникс, но како играч од младинската школа, додека сезонава играше за развојниот тим кој се натпреваруваше во Третата лига. Минатата година Стојковиќ беше член на кадетската репрезентација која настапи на Европското првенство во Скопје, а во моментов се наоѓа на поширокиот список на М18 репрезентацијата која ја предводи Андреј Апостолски Лечиќ.
На ланското Европско првенство, Стојковиќ просечно постигнуваше по 6,9 поени, а особено блесна во дуелот со фаворитот Шпанија против кого реализира 11 поени. Останатите играчи од младинскиот погон кои ќе добијат шанса во првиот тим на Феникс ќе бидат познати до крајот на овој месец.
Феникс оваа недела најави дека ќе аплицира за место во квалификациите од ФИБА Европа купот, како и за специјална покана во АБА 2 лигата.