Финалистот во последното издание од Купот на Македонија, Феникс денеска тргна кон Никозија каде во вторник ќе го забележи своето деби на меѓународна сцена.
Тоа ќе биде и најголем успех во кратката историја на клубот кој ќе учествува во квалификациите за пласман во ФИБА Европа купот и тоа во третата сезона како член на Првата македонска кошаркарска лига. Противници на Феникс ќе бидат домаќинот Керавнос и германскиот бундеслигаш Рошток, а само најдобриот од групата оди во главната фаза од ФИБА Европа купот.
Во моментов, екипата е во Солун од каде треба да полета кон кипарската престолнина, Во експедицијата е и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој е голема поддршка на Феникс на секаков план.
Се очекува екипата да пристигне во Никозија во раните вечерни часови, а утре ќе го одржи првиот тренинг, во салата Костас Папаелинас каде ќе се играат натпреварите од оваа квалификациска група. Воведниот натпревар е на програмата во вторник од 18 часот по средноевропско време.