Во пресрет на претквалификациските турнири за Олимписките игри во Париз 2024 година што ќе се одржат од 12 до 20 август, ФИБА направи селекција од десет кошаркари од секој турнир посебно на кои треба да се обрне внимание.
Меѓу најинтересните од турнирот што ќе се одржи во естонскиот Талин и полскиот Гливице е и репрезентативецот на Македонија, Ти Џеј Шортс кој е рангиран исклучително високо – на третото место.
„Во октомври 2022 година, Шортс доби македонско државјанство и тргна по стапките на Лестер Бо Мекејлеб во обид да му помогне на ‘црвено-жолтиот’ во претквалификациите за Европското првенство во 2025 година, Тој просечно постигнуваше по 21,5 поени, 6,3 асистенции и 4 скока на само четири одиграни натпревари. Бековскиот тандем што го формира со Ненад Димитријевиќ изгледа застрашувачки“, се вели, меѓу другото, во анализата на ФИБА која потсетува дека Шортс беше МВП на сезоната и на завршниот турнир од Кошаркарската Лига на Шампиони.
Покрај Шортс, на листата од десет најинтересни кошаркари на турнирот во Талин и Гливице се уште: Траванте Вилијамс од Португалија, Кристијан Куламае од Естонија, Золтан Перл од Унгарија, Војтех Хрубан од Чешка, Александер Балчеровски и Матеуш Понитка од Полска, Јам Мадар од Израел и Јусуф Нуркиќ и Џанам Муса од Бих.