На 12. по ред, меѓународен фестивал за спортски филм во Златибор, посебно признание за филмот посветен за Благоја Георгиевски-Буштур
Филмот посветен за македонската кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски-Буштур, „Среќна тринаесетка“, доби една од главните награди на 12. Меѓународен фестивал за спортски филм, кој во изминатите неколку дена се одржуваше на Златибор.
Специјалното жири, составено од еминентни познавачи на филмот и на спортот, одлучи дека „Среќна тринаесеттка“ е најдобро режираниот филм од одбраните 45, кои жирито ги одбра во финалната селекција на фестивалот на Златибор.
Режисерот Тони Ристовски креираше еден филмски запис кој ќе остане засекогаш врежан во меморијата на сите следбеници на кошаркарскиот спорт, не само во нашата земја, туку и пошироко.
Ова е втора година по ред на која награда на Меѓународниот фестивал за спортски филм добива едно македонско дело во областа на кошарката. Лани, во истата конкуренција, награден беше и „Леле, луѓе, што направивме, радувај се Македонијо!“, документарен филм за четвртото место на кошаркарската репрезентација, освоено во 2011 година, а кој е производ на порталот КОШ.МК и продукцијата Три Стар.