Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ вечерва ги разнежни срцата на навивачите на Задар, а и на овдешните љубители на кошарката со својот потег, неколку минути откако со неговиот тим ја освои титулата во хрватското првенство.
На доделувањето на медалите, нашиот кошаркар излезе со дрес на Тодор Гечевски, живата легенда на Задар кој се уште има статус на суперѕвезда меѓу навивачите на овој клуб. Кавадарчанецот беше член на Задар од 2004 до 2009 година, во тој период освои две шампионски титули во хрватското првенство, а и натаму држи неколку клупски рекорди иако од неговото заминување поминаа 14 години.

Мекиќ со овој потег не само што ги потсети навивачите на Задар на клупската легенда, туку покажа и каков респект има кон својот славен сонародник. Три од четирите шампионски титули на Задар во домашното првенство се освоени со Македонец во составот.