Кратко траеше „медениот месец“ на Виктор Вембанјама во НБА лигата бидејќи неполн месец од почетокот на неговата дебитантска сезона, веќе стигнаа првите критики.
Сан Антонио Спарс е во ужасна серија од осум порази, а во сивилото на некогашниот шампион кој има очекувања од првиот пик на последниот драфт, се вклопи и самиот Вембанјама. Знае повремено да блесне, но засега не е фактор кој го прави тимот подобар. Првите критики стигнаа од селекторот на француската репрезентација венсан Коле кој не е задоволен од некои работи во играта на 19-годишниот кошаркар.
„Од статистичка гледна точка, не е лош бидејќи просечно постигнува по 20 поени и околу 10 скока. Но, неговата конекција е катастрофална. Против Сакраменто имаше 26 шута, а ниедна асистенција, за мене тоа е срамно. Сепак, факт е дека Виктор е многу млад и му треба време за да се навикне, а во НБА треба да бидат трпеливи со него“, рече, меѓу другото, Коле.
Сан Антонио не играл во плејофот од 2019 година, а триумф во една плејоф серија нема од 2017 година. Како што стојат работите, тешко дека сезонава ќе успее да стигне до разигрувањето бидејќи во моментов со биланс 3/11 се наоѓа на последната позиција на табелата во Западната конференција, а во целата лига полоши се само Вашингтон и Детроит.