Жоел Ембид беше во центарот на вниманието претходните две недели бидејќи три национални кошаркарски федерации се обидуваа да го придобијат за својата репрезентација.
На крајот, тој ги одбра Американците иако во игра беа Франција и неговата татковина Камерун. Претседателот на Кошаркарската федерација на франција, Жан-Пјер Сиута призна дека жали што воопшто се сретнал со Ембид и што потрошил мнмогу време и енергија на него.
„На средба со него бевме јас и Борис Диав кој е генерален менаџер на репрезентацијата, во март 2022 година. Ние не бевме заинтересирани за него, туку тој побара да игра за нашиот национален тим. Ваков случај воопшто не требаше да биде отворен и жалам што се најдовме во ваква ситуација“, изјави Сиута.
Ембид доби француско државјанство во март 2022 година и оттогаш траеја шпекулациите дека би можел да игра за репрезентацијата на оваа земја. Прво во игра беше Светското првенство што се одржа годинава, но откако стана јасно дека тоа не е возможно, целта беше тој да заигра на Олимписките игри во Париз идното лето. Минатиот месец Французите му дадоа ултиматум до 10 октомври да каже дали ќе игра за нив или не, но тој пред една недела соопшти дека одлучил да игра за САД поради тоа што неговиот син е роден во оваа државва и има американско државјанство.