Екипата на Телеком Бон ќе игра против Стразбур во четвртфиналето од Кошаркарската Лига на Шампиони. Тоа е последна фаза пред завршниот турнир од натпреварувањето на ФИБА, а Македонија ќе има претставник во репрезентативецот Ти Џеј Шортс кој е член на бундеслигашот.
Германскиот тим беше единствен без пораз во Топ-16 сегментот, а во целата сезона доживеа само еден неуспех, од Реџо Емилија во првото коло, одиграно во октомври. Телеком Бон ја има предноста на домашниот терен, а во оваа фаза се игра по системот „подобар од 3“ или кој прв до две победи. Првиот натпревар се игра на 4 април во Бон, вториот една недела подоцна во Стразбур, а евентуалната „мајсторка“ на 18 или 19 април, повторно на теренот на Телеком Бон. Стразбур во топ-16 фазата оствари биланс од четири победи и два пораза.

Ждрепката за четвртфиналето донесе две шпански пресметки бидејќи ќе се сретнат Тенерифе и Манреса, односно Уникаха и Мурсија. Тоа значи дека најмалку две екипи од оваа држава ќе се пласираа на Ф4 чиј домаќин дополнително ќе биде одреден. Последната двојка ја сочинуваат Хапоел Ерусалим на поранешниот македонски селектор Александар Ѓикиќ и АЕК.