По одличната четвртфинална серија против Басконија, Хувентут со брејк го почна и полуфиналето од шпанското првенство, но оваа победа одекна многу погласно од која било досега.
Причина за тоа е фактот што тимот од Бадалона го совлада Реал како гостин со 93-83 и поведе со 1-0. Херој на мечот беше откритието на сезоната, а особено на овој плејоф, Кајл Гај кој откако на Басконија ѝ даде девет тројки на првиот дуел, вечерва против Реал броеше до осум. Натпреварот го заврши со 30 поени и шут за тројка 8/13, вклучувајќи ја и клучната за 86-77 на две минути пред крајот со која беше најавен колапсот на Реал.
На Реал не му беше доволен Валтер Таварес кој оствари дабл дабл со 18 поени и 14 скока и без промашување од игра (8/8) со индекс 38.
Сепак, искуството кажува дека овој триумф не значи ништо за Хувентут затоа што во полуфиналето од шпанскиот плејоф се игра до три победи. Против Партизан во Евролигата, Реал губеше и со 0-2, со два брејка на противникот, а сепак се извлече и подоцна ја освои шампионската титула.