ГЕОРГИЕВСКИ: Немаме ништо официјално од Зеќири, но нема да дозволиме да игра за друга држава

0Shares
0 0

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Лејсон Зеќири не се појави на стартот на подготовките на националниот тим, а и три дена подоцна, никој нема официјална информација зошто го направи тоа.

Дури ни од КФСМ не успеале да стапат во контакт со него иако на Зеќири уредно му е доставена покана за настап. Темата со младиот кошаркар ја искоментира Генералниот секретар на федерацијата, Владимир Георгиевски.

„На првиот собир, во неделата пред почетокот на подготовките, Лејсон Зеќири не се појави, а уште немаме официјална реакција, ниту објаснување од него. Имаме некои сознанија дека неговата желба е да игра за Косово, односно неговите планови се натаму. Ова е неофицијално, од контакт со негови блиски, а немаме ниту допис од Кошаркарската федерација на Косово.

Ставот на КФСМ е дека нема да дозволиме тој да игра за друга репрезентација бидејќи ние немаме голем број кошаркари за така лесно да се откажуваме од нив. Секако ова нема да застане тука, планираме да поведеме иницијатива, но сега Федерацијата е малку ограничена. Кошаркарите кои настапуваат во Македонија можеме да ги суспендираме, но за оние кои се во странство, не можеме да делуваме толку цврсто“, изјави Георгиевски.

На оваа тема се надоврза и селекторот Драган Бајиќ кој посочи дека сериозно размислувал на Зеќири.

„Тој беше во комбинација и во претквалификациите, но излезе дека бил во близок контакт со позитивен на корона и беше ризик да се приклучи за да не ги зарази другите кошаркари. Сето тоа беше на два дена пред почетокот на натпреварите.

Што се однесува до неговите играчки квалитети, јас планирав место за него на претстојните натпревари, но ова е нешто над мене“, рече Бајиќ.

Зеќири е член на косовскиот прволигаш Приштина, а до лани играше за младинските селекции на Македонија и беше еден од најперспективните наши кошаркари, со можност кариерата да ја продолжи во Бешикташ.

0Shares
0 0