Тренерот на Олимпија, Симоне Пјаниџани имаше бурна прес-конференција по натпреварот против Партизан одигран попладнево.
Словенечкиот тим добро чекори во АБА лигата каде е на делба на второто место, но има проблеми во Еврокупот бидејќи се уште ја чека првата победа, а одигра седум натпревари. Еден од присутните новинари го праша токму за Еврокупот, но со констатација дека резултатите во тоа натпреварување не се на негово ниво. Пјаниџани тотално излуде потоа иако се обиде да остане смирен, но имаше излагање кое траеше десетина минути.
„Не знам што очекувате, ова е сосема нов тим. Ништо не се променило бидејќи се уште имаме проблеми. Хамбург и Партизан се сосема различни екипи, денеска моите играчи немаа што да загубат, па излегоа растоварени на терен и победија. Против Хамбург бевме без два плејмејкера, губевме 20 разлика во третата четвртина, но проблемот е во тоа што промашувавме во нападот и тоа не може да се надополни со зонска одбрана, туку со агресивност. Промашивме седум слободни фрлања и потоа бевме нервозни. Ама тој Хамбург има ист скор како Баерн. Стјуарт вечерва погоди, но на други натпревари можеба нема.
Освоив седум титули со Монтепаски, пред мене, немаа ниедна. Можеби нешто знам за кошарката. Но, ако го победив Жељко, не значи дека сум подобар од него, тој е број 1 и тоа далеку пред сите. Јас дојдов овде поради проектот, треба да ги развивам овие играчи и тоа беше целта на раководството“, рече, меѓу другото Пјаниџани.
Веќе в среда Олимпија ја очекува дуел против Лондон Лајонс во британската престолнина каде ќе се обиде да дојде до првата победа сезонава.