Во новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига ќе има и еден дебитант – Градскиот кошаркарски клуб Охрид.
Со ова, градот покрај езерото се враќа на македонската кошаркарска мапа по пауза од четири години откако во 2019 престана да постои АВ Охрид, клуб кој ја претставуваше Македонија и во АБА 2 лигата. Успешниот настап во Втората лига минатата сезона му овозможи на новиот, но амбициозен проект да заигра во елитата што е одлично и за македонската кошарка.
Својот прв натпревар во елитата во својата историја, охриѓани го играат вечерва од 18 часот против стариот познаник Вардар со кого минатата сезона се бореа за титулата во Втората лига, а одиграа вкупно три натпревари. „Црвено-црните“ се домаќини во Кале и оваа сала ќе биде запишана како место каде ГКК Охрид дебитирал во Првата лига.
Костурот на екипата го сочинуваат играчите кои минатата сезона обезбедија пласман во повисок ранг, засилени со неколку домашни и двајца странски кошаркари. Бпоите на Охрид ќе ги бранат: Христијан Стојаноски, Челик Ашим, Христијан Кузмановски, Наум Стојаноски, Дарко Димитриевски, Васко Бојовски, Иван Балов, Таулант Ибраими, Иван Волканоски и Кристијан Столески, а од странците, тука се двајцата Американци: Џаред Кимброу и Брајант Бернард. Јасно е дека прва цел ќе биде опстанок во лигата, во што како главни конкуренти ќе ги имаат Вардар и Академија ФМП.