МЗТ Скопје успешно заврши уште една сезона на доминација во македонската кошарка, зачинета со тројна круна и со јубилејната десетта шампионска титула во клупска историја.
Големиот успех делумно го засени испаѓањето од АБА лигата, но по она што се случуваше во регионалното натпреварување, во МЗТ можат да бидат горди зато што до последен момент машки се бореа за својот опстанок. На крајот од сезоната, извршниот директор Филип Ѓоревски го сублимира она низ што помина и тој лично и МЗТ Скопје како клуб.
„Пред се, морам да истакнам дека сум исклучително среќен и задоволен што ја освоивме јубилејната титула и што на логото ја закачивме првата ѕвездичка. Веднаш по завршувањето на минатата, веќе почнавме со планови за претстојната сезона. Она што се случи во АБА лигата е едно добро школо за нас кое треба да не направи попаметни и да не натера помотивирано да влеземе во секоја нова битка. Не сакаме да застанеме тука, желбата е уште повеќе да напредуваме и убеден сум дека со малку повеќе труд, може да се направат многу поголеми успеси.

Продолжуваме со доминацијата во домашната кошарка, а што се однесува до меѓународните натпреварувања, имаме желба да се пробаме и на друг терен, дел од ФИБА натпреварувањата.
Во врска со АБА лигата, сметам дека имавме многу тешка сезона во услови кога лигата и останатите клубови беа на многу повисоко ниво пред се буџетски, и нашето претставување во истата би го оценил како горчливо искуство бидејки досега не се случило ниедна екипа да испадне со седум победи. Сите можеа да видат што се случи во финишот на сезоната, па не би сакал да коментирам повеќе за тоа“, вели Ѓоревски за КОШ.МК.
Иако домашното првенство заврши пред само десетина дена, во полн ек се подготовките за иднината. МЗТ Скопје во последните 11 години освои десет шампионски титули и сето тоа не дозволува опуштање во ниеден сегмент.
„Браќата Стојановски, младиот Андоновски се под договор и сигурно остануваат, а наша желба е да ги задржиме и останатите домашни кошаркари. Бојан Крстевски имаше голем придонес во успесите на клубот изминатите години, Дамјан Робев исто така е еден од оние со кого сакаме да ја продолжиме соработка, како и останатите талентирани млади македонски играчи. Во делот на странските кошаркари сигурно ќе има промена, за што навивачите ќе бидат благовремено известени во текот на летото.

Нашата визија и стратегија е да добиеме што повеќе домашни, млади кошаркари кои во годините што претстојат ќе бидат носители на нашиот и репрезентативниот дрес и ќе направиме се за нивен развој, затоа многу важен дел од нашето работење ова лето ќе биде подобрувањето и реорганизацијата на младинската школа. Тренер останува Васко Атанасов, а стручниот штаб ќе биде надграден со добро познат лик во аеродром – Никола Велев кој се враќа по две години и од кого многу очекуваме.

Минатата сезона, разликата во МЗТ Скопје ја направија домашните кошаркари и тоа треба да биде поттик и сериозна насока за сите нас чинители во кошарката.
Успехот на МЗТ Скопје не треба да плаши никого, напротив, неговиот успех е успех на целата кошарката и спортот во Македонија“, додава извршниот директор на МЗТ Скопје.