По само една сезона, Гостивар и Љупчо Малинков ја прекинаа меѓусебната соработка и во новата натпреварувачка кампања, клубот ќе влезе со нов тренер.
Кавадарчанецот ја презеде екипата минатото лето и оствари неколку забележителни резултати. Пред се, победите против МЗТ Скопје со што беше единствен тренер во земјава кој не доживеа пораз од шампионот, во првенството. Под водство на Малинков, Гостивар го заврши основниот дел од сезоната на четвртата позиција, но беше елиминиран во четвртфиналето од Работнички.

Местото на Малинков ќе го пополни младиот гостиварски стручњак Никола Димитриевски кој, практично, се враќа на тренерската позиција на која беше и во финишот од сезоната 2021/22, по заминувањето на Александар Јончевски. Тогаш имаше одлични резултати и раководството на Гостивар одлучи дека треба повторно да добие шанса. Како миленик на навивачите, јасно е дека Димитриевски ќе има голема поддршка, а ова е огромна шанса за негов развој во кариерата.
Тренерската смена во Гостивар е втора по завршувањето на сезоната во македонското првенство. Првата се случи во Кавадарци каде Еуро Никел се раздели со Горан Самарџиев, но се уште не најде негова замена.