Иако обезбеди пласман како шампион во Еврокупот, екипата на Гран Канарија идната сезона нема да учествува во елитното европско кошаркарско натпреварување.
Такво нешто беше најавено уште пред крајот на минатиот месец, а откако се ставени на маса сите фактори, раководството на клубот од Канарските острови донело одлука, сепак, да не игра во Евролигата. Заклучено е дека Гран Канарија не може да одговори на сите финансиски, логистички и натпреварувачки предизвици кои ги носи сезона со 34 натпревари, врвни противници и напорен распоред, како во Евролигата, така и во шпанското првенство.
Последен пат, овој клуб играше во Евролигата во сезоната 2018/19, но тогаш во неа учествуваа 16 екипи и имаше 30 кола, а го освои 14. место. Откажувањето на Гран Канарија сигурно значи дека Партизан и Црвена Звезда и идната сезона ќе играат во Евролигата, без оглед на исходот во финалето од АБА лигата кое почнува утре.