Македонската кадетска репрезентација доживеа убедлив пораз од Грција во второто коло од меѓународниот турнир што се одржува во Скопје.
Селекцијата на нашиот јужен сосед славеше со 91-52, користејќи ги сите проблеми со кои се соочува Александар Јованчев. Покрај отсуството на Никола Јаничиќ и уште тројца кошаркари на кои смета селекторот, со полн капацитет не можеше да игра ни Лука Марјановиќ кој вчера се повреди, па денеска помина само десет минути на теренот.
Во такви услови, Грците доминираа во текот на сите 40 минути, уште во првата четвртина поведоа со 27-19, а конечниот удар го зададоа во последниот квартал кој го добија со 22-4. Убедливо најдобар поединец во македонската селекција беше Доријан Ивановски кој постигна 17 поени.
Утре нашиот тим го игра последниот меч од турнирот против Шпанија, репрезентација која секогаш е во најтесниот круг на фаворит за титулата на секое првенство.