Поранешниот југословенски и српски репрезентативец Милан Гуровиќ во гостувањето во еден поткаст раскажа интересна случка за средба со навивачите на Партизан во период кога тој беше член на Црвена Звезда.
Средбата се случила во еден кафе бар во Белград каде Гуровиќ бил во друштво на свој пријател.
„Налетав на група водачи на навивачката група, беа околу 20. Седеа внатре и пријателот ги препозна, ми кажа дека се тие, а јас му одговорив дека нема шанси да излезам сега, па дури и да ме убијат.
Во еден момент ми пријдоа и еден од нив праша; Миланче, што ќе се напиеш? Културни беа. Јас им одговорив: Ај претепајте ме, па да пијам на раат. Навистина господски се однесуваа, немаше никаков проблем“, се присетува Гуровиќ.
Тој беше член на Црвена Звезда од 2005 до 2007 година, во истиот период кога дресот на српскиот шампион го носеше и македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ.