Центарот на Олимпија Милано, Кајл Хајнс го собори рекордот на Евролигата откако синоќа, против Олимпијакос го одигра својот 393. натпревар во елитното натпреварување.
Искусниот американски интернационалец со тоа го помина поранешниот играч на Жалгирис, Паулиус Јанкунас кој ја заврши кариерата со 392 настапи. Своето деби, Хајнс го забележа на 20 октомври 2010 година како член на Бамберг против Виртус Рома во италијанската престолнина. Оттогаш освои четири титули во Евролигата (2012, 2013, 2016 и 2019 година), три пати беше прогласен за дефанзивец на сезоната и избран за идеалниот тим на деценијата во Евролига.
Во Евролигата настапуваше како член на Бамберг, Олимпијакос, ЦСКА и сега во Олимпија Милано. Во тимот на Олимпијакос му беше соиграч на Перо Антиќ и заедно освоија две титули во европското натпреварување.
Досегашниот рекордер во Евролигата, Паулиус Јанкунас би можел до крајот на оваа сезона да падне дури на четвртото место бидејќи легендите на Реал, Серхио Љуљ и Серхио Родригес се 15, односно 16 натпревари зад него, а новата кампања во Евролигата тукушто почна.Од активните играчи, во топ-10- се уште Костас Слукас (354 натпревари) и Руди Фернандес (326).