Кошаркарот на Филаделфија 76, Џејмс Харден повторно е во центарот на вниманието во НБА лигата и е на пат уште еднаш неславно да си замине од една франшиза.
Пред да дојде лани во Сиксерс, ветеранот играше за Оклахома, Хјустон и Бруклин и од сите три екипи си отиде со кавги. Слична е ситуацијата во Филаделфија каде влезе во конфликт со претседателот Дерил Мори и побара трејд пред почетокот на новата сезона.
„Дерил Мори е лажго и никогаш повеќе нема да бидам дел од организација во која работи тој“, изјави Харден.
Тука не би имало ништо интересно, ако не се знае дека кошаркарот работи со Мори повеќе од девет од вкупно 14 години како професионалец. Осум сезони беше со него во Хјустон, а од лани се заедно во Филаделфија. Сепах, Харден му се налутил на својот досегашен пријател затоа што тој не му понудил супермакс договор, наводно со образложение дека и тој не играл на максимално ниво. Минатата сезона, Харден просечно постигнуваше по 21 поен, 10,6 асистенции и 6,4 скока по натпревар.
Мори е во непријатна позиција бидејќи вредноста на Харден е опадната и прашање е што може да извади за него во моментов.