Пред повеќе од половина година, Словенија и Хрватска закажаа пријателски дуел за летово со што требаше да продолжи традицијата на меѓусебните натпревари, најчесто како подготовка пред големите натпреварувања.
Мечот меѓу репрезентациите на двете соседни земји требаше да се одигра на 8 август, но на десет дена пред неговото одржување, Хрватите испратиле писмо дека го откажуваат без да ги објаснат причините за тоа. Иако Словенците имаат „набиена агенда“ пред Светското првенство и тестови со гиганти како Грција, Шпанија и САД, дуелот со Хрватска требаше да биде спектакл во Стожице, како последен меч пред домашната публика пред заминување на Мундобаскетот.
Хрватите во моментов играат трета фаза претквалификации за пласман на Европското првенство во 2025 година, но од 12 до 20 август им претстојат олимписки претквалификации каде се во групата во Турција, заедно со Холандија, Белгија и Шведска. На Словенците не им се допадна нивниот потег, па медиумите во оваа земја остро реагираа на отказот и ги обвинија своите соседи дека се исплашиле од убедлив пораз, па бегаат од пресметка со Дончиќ и компанија.
Сепак, ваквиот развој на настаните можеби и повеќе им одговара на нив затоа што Кошаркарската федерација обезбеди уште посилен и помотивиран противник за истиот термин. Словенците ќе се сретнат со Црна Гора која, за разлика од Хрватска, ќе игра на претстојното Светско првенство и во моментов секако има посилна репрезентација од „коцкестите“.